
Одредени се стадионите на кои ќе се одиграат бараж натпреварите за Првата македонска фудбалска лига.
На стадионот „Петар Милошевски“ во Битола ќе се одигра натпреварот меѓу Брера Струмица и Скопје, во меч каде струмичани ќе бараат опстанок во Првата лига, а пак „пиратите“ од Автокоманда ќе атакуваат на влез во елитата.
Вториот бараж меч ќе се одигра на Градскиот стадион во Кавадарци каде Пелистер ќе бара опстанок против Шкендија Арачиново, која сака историски влез во елитата.
Во регуларниот дел Брера Струмица заврши на деветтото место во Прва лига со 40 бодови, колку што има и Пелистер кој е осми, а пак во Втората лига екипата на Скопје заврши како втора, а Шкендија Арачиново беше трета.
Натпреварите се закажани за 31 мај (недела) со почеток од 16:30 часот.
Александар Ванев, М-Нет