
АП Брера и Македонија Ѓорче Петров одиграа интересен и неизвесен натпревар во Струмица, кој заврши без победник (1:1), во дуел од големо значење во борбата за опстанок во Првата македонска фудбалска лига. И двата тима влегоа мотивирано во натпреварот со јасна желба за трите бода, но на крајот мораа да се задоволат со по еден.
Домашниот состав дојде во водство во 20. минута, кога по изведен корнер се создаде мешаница во шеснаесетникот, а Петровиќ, на своето деби во дресот на струмичани, најдобро се снајде и ја затресе мрежата за 1:0.
Во финишот од првото полувреме Македонија ЃП изврши силен притисок кон голот на Вргов. Голманот најпрво одлично интервенираше, а потоа беше досуден пенал по игра со рака на Луковиќ по продорот на Џангаровски. Пецов не успеа да реализира од белата точка, Вргов го одбрани ударот, но во обид да расчисти, Ивановски несреќно ја испрати топката во сопствената мрежа за израмнување на резултатот.
Во второто полувреме и двата тима се обидуваа да стигнат до победнички погодок. Брера доби и бројчана предност откако Ричков беше исклучен во 69. минута, но домашниот тим не успеа да ја искористи предноста и резултатот остана непроменет до крајот.
Со освоениот бод, и двете екипи продолжуваат во неизвесната трка за опстанок, во која секој натпревар до крајот на сезоната може да има клучно значење.