
Пелистер оствари убедлива победа од 4-1 над Работнички во последниот натпревар од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига, одигран на стадионот „Петар Милошевски“. Во центарот на вниманието беше играчот за врска на битолчани, Лука Булатовиќ, кој постигна хет-трик и беше најзаслужен за триумфот на својот тим.
Домаќинот поведе во 16. минута, кога Булатовиќ одлично реагираше по центаршутот на Ристовски од десната страна и ја затресе мрежата на Работнички. Само девет минути подоцна Пелистер имаше нова голема можност, но Јован Попзлатанов со пожртвувана реакција на гол-линијата спречи сигурен погодок.
Вториот гол пристигна во 33. минута. Булатовиќ продре по десната страна и се обиде да нафрли, но топката заврши зад грбот на голманот Фабрис Ондоа за зголемување на водството. Работнички успеа да намали во 37. минута, откако по старт над Бошнаков беше досуден пенал, а Бесир Демири сигурно реализираше за 2-1 на полувремето.
На самиот почеток од вториот дел Пелистер повторно удри. Во 48. минута Милан Србијанац нафрли од левата страна, а Булатовиќ со атрактивен волеј го комплетираше својот хет-трик и донесе нова предност за битолчани.
Во продолжението Работнички се обиде да се врати во игра, а најблиску до погодок беше напаѓачот Џејсон Езеб, кој пропушти две солидни можности. Во 83. минута домашниот тим остана со играч помалку, откако по ВАР-интервенција судијата Јован Качевски му покажа црвен картон на Филип Петровиќ.
И покрај бројчаната негатива, Пелистер стави точка на натпреварот во судиското надополнување, кога Вилдан Керим погоди за конечни 4-1 и завери убедлива победа на својот тим.