Брендови од Европа им исплатија 42.000 евра на 32 оштетени македонски работнички

Приближно 42 илјади евра се исплатени на 32 македонски работнички од странски брендови. Ова е пред сѐ заради нецелосна исплата на плати, неисплата на регрес за годишен одмор, отказ заради деловни прични, како и случајот во кој бремена жена го изгуби правото на платено породилно отсуство. Претседателката на „Гласен текстилец“ – Штип, Кристина Ампева, вели дека два од четири бренда ги исплатиле парите.

„Брендовите и исплатија штета во износ од приближно 42 илјади евра за 32 работнички. Тоа се однесува на отказите заради деловни причини, односно К-15, три плати по 70%. Овде се случи и бремена жена којашто го изгуби правото на платено породилно отсуство да биде оштетена. Значи два од четири бренда исплатија“, вели Ампева.

Ампева вели дека ова е прв ваков случај на Балканот, што треба да биде пример и пракса понатаму. Треба да се внимава на синџирот на производство и како тоа се одвива во целата постапка од шиењето до пристигнувањето до брендот-нарачател.

„Мислам дека ова треба да биде пракса која ќе им покаже на македонските работодaвачи дека, еве, имаме контакти, мрежа сме на организации кои функционираат во европските земји бидејќи таму не е Бангладеш, таму е Европа. Се надевам дека тоа ќе им покаже дека тоа не треба да се прави оти брендовите ќе дознаат“, додава Ампева.

За компаниите загуба ќе биде доколку самите брендови поради тоа одлучат да ја прекинат соработката. Општествената-одговорност за брендовите, според Ампева, е на повисоко ниво во европските земји, поради тоа што веднаш реагираат со соодветни мерки.

Ребека Спасова М-Нет