
Екипата на Брегалница ја прокнижи и втората прволигашка победа на „градски“ во Штип победувајќи го тимот на Тиквеш. Не беше лесен патот до победата над „лозарите“ кои по традиција играат добро кога се во прашање дуелите со Брегалница. Впрочем тие играа и за новиот шеф на стручниот штаб Влатко Костов кој пак од трибините „делеше“ совети на помошникот Ѓорги Мојсов а веќе од недела ќе седне на клупата како замена за досегашниот шеф, Димитар Маџунаров. Првото полувреме одмина во блага доминација на Брегалница, знаеше шефот на штипјани Марјан Секуловски за каква екипа се работи и одтука беше присутна претпазливата игра на штипјани. Без некои посериозни закани по головите на Давид Денковски и Стојан Димовски заврши првиот дел без голови 0:0. Во второто полувреме Брегалница веднаш на почетокот постигна гол за водство. Марјан Секуловски постојано подвикнуваше на своите играчи корнерите да ги употребуваат за високо нафрлање пред голот а не со кратко проигрување кое некогаш е мошне опасно. Така Брегалница дојде и до водство. Дарко Додев се реши за изведување на корнер со милиметарско нафрлање кон Марјан Алтипармаковски кој веднаш од прва шутира во небранетиот дел од мрежата на Тиквеш за водство од 1:0. Вистинска уефорија на огромниот број на гледачи не само од Штип туку ги имаше од цела Македонија што докажува дека Брегалница е вистински бренд и толку посакуван тим во прволигашката конкуренција, Играчите на Тиквеш се обидуваа да постигнат рамнотежа и да го израмнат резултатот, но одбранбените редови на Брегалница беа цврсти и не дозволија изненадување. Во 68 минута Брегалница го постигна вториот гол со кој конечно се растерети од можноста за неизвесен крај. Убава акција која ја започна Ацковски со додавање кон Алтипармаковски а овој веднаш кон Маневски а тој пак како експресен воз профуче и испрати милиметарски точна топка кон Дарко Додев , следуваше удар со што се пронајде патот на топката до мрежата на Димовски за водство на Брегалница од 2:0. До крајот имаше обиди од страната на Тиквеш за постигнување барем на почесен гол, но голманот Давид Денковски не дозволи изненадување. Победа на Брегалница за нови три бода и за делба на 6 место на табелата со Шкендија со по 10 освоени бодови. Во недела Брегалница ја очекува настап на гостински терен против Ренова која пак со Шкупи, А.Пандев и Работнички е на делба на првото место со по 14 освоени бодови.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk