
Денес беа одиграни натпреварите од вонредното 22. коло од Првата македонска фудбалска лига.
На Градскиот стадион во Штип екипата на Брегалница дојде до бод во дуелот со Шкупи откако одигра само 0:0. Гостинот од Чаир не реализираше пенал во првиот дел откако Јанков му одбрани пенал на Воша.
На „Кукуш“ во Турново Брера и Шкендија ги поделија бодовите играјќи 0:0. Тиквеш на домашен терен со голот на Менезес Бандеира Нето дојде до голем триумф над Силекс од минимални 1:0.
Минимален но важен триумф забележа и Вардар кој на Маџари со 1:0 славеше над Работнички во скопската пресметка, со голот на Дарко Глишиќ во 56. минута.
Воска Спорт и Гостивар ги поделија бодовите откако одиграа 1:1. Фатјон Јусуфи погоди во 25. минута за 1:0, а пак Мухамед Елмас во 84. минута стрелаше за 1:1.
Шампионот Струга триумфираше со 2:1 над Македонија ЃП и го искористи киксот на Шкупи и изби на врвот од табелата. Шабани во 13. минута погоди за 1:0, Радески во 21. минута за 2:0. На стартот од вториот дел Алији погоди за конечните 2:1.
Сега лидер на табелата е Струга со 45 бодови, Шкупи е втор со 44 бодови, Шкендија е трета со 43 бодови.
На 4. место е Гостивар со 30 бодови, Тиквеш е петти со 29 бодови, а толку бодови има и Силекс кој е шести.
На седмото место е Брера со 27 бодови, а толку бодови има и Работнички кој е осми. Воска е деветта со 25 бодови, а во бараж зоната односно на 10. место е Вардар со 24 бодови.
Во зоната за директно испаѓање е Брегалница со 21 бод, а последна е Македонија ЃП со 18 бодови.
Александар Ванев, М-Нет