
Тиквеш го назначи Борче Христов за нов тренер, кој доаѓа како наследник на досегашниот тренер Ѓорѓи Мојсов, кој си поднесе оставка после поразот од Арсими на домашен терен од 3:4.
Сега доаѓа Христов во обид да го извлече прволигашот Тиквеш од резултатска криза, бидејќи тимот од Кавадарци по десет одиграни натпревари има две победи, две ремија и шест порази, па со осум бодови е на деветото место на табелата односно во бараж зоната.
Дебито на Христов ќе биде веќе утре против Пелистер во Битола, а тоа ќе биде дерби на две екипи кои се борат за излез од резултатската криза, ако гледаме од последните пет меча, тогаш дефинитивно резултатската криза на Пелистер е поголема, бидејќи битолчани имаат четири порази и едно реми од последни пет меча, а пак Тиквеш има две победи и три порази.
Пелистер е веднаш под Тиквеш на табелата како десети со седум бодови или во зоната за директно испаѓање во Втора лига. Битолачни исто така имаат нов тренер, на местото на Димитар Капинковски дојде Милан Стојановски, кој се обидува да го извлече Пелистер од резултатската криза.
Искусниот 55-годишен стратег зад себе има богато тренерско искуство, Христов во својата кариера ги има водено екипите на Зира и Карабах од Азербејџан, Шкендија, Македонија ЃП, Еуромилк ГЛ, Борец и Работнички во домашниот шампионат.
Во минатото тој беше и спортски директор на академијата на Вардар, како и дел од Одделот за фудбалскиот развој при Фудбалската федерација на Македонија.
Дербито за излез од резултатската криза меѓу Пелистер и Тиквеш ќе се игра под рефлектори на стадинот „Петар Милошевски“ во Битола од 17 часот.
Александар Ванев, М-Нет