
Одбојкарките на штипскиот клуб Младост УГД забележаа убедлива победа во третото коло на Првата лига, откако со 3:0 во сетови го декласираа тимот на Вардар ЕМ, на домашен терен во Штип.
Младост УГД беше фаворит на овој начин, а фаворитската улога беше оправдана со убедлива победа од 3:0 во сетови. Првиот сет штипските одбојкарки го добија со 25:18, а во вториот сет имаше вистинска драма која ја доби штипскиот тим со 27:25. Во третиот сет Младост УГД беше посигурен и со 25:19 го доби сетот за конечни 3:0.
Високи и убедливи победи забележаа фаворитите Јанта Волеј кој го доби тимот на Ускана со 0:3 во сетови, како и Работнички Скопје кој со 3:0 славеше над Газели Волеј.
Струмица Жени на домашен терен, исто така беше убедлива со 3:0 против Фит Фан Волеј.
Неизвесен беше натпреварот меѓу Наковски Волеј и Пелистер Волеј, меч кој се реши во пет сета, за триумф на домаќинот од 3:2.
Во однос на табелата максимални девет бодови имаат Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ и го делат првото место, трет е Наковски Волеј со осум бодови. На четвртото место е Младост УГД од Штип со шест бодови, а четири бодови има Пелистер Волеј кој е петти на табелата.
На делба на шестото место со по три бодови се Струмица Жени, Вардар ЕМ и Газели Волеј, а без бодови на дното се Фит Фан Волеј и Ускана.
Во рамки на Втората одбојкарска лига во женска конкуренција беа одиграни натпреварите од третото место.
ГОК Борец со убедливи 3:0 славеше на домашен терен над Шкупи, а пак Јанта Волеј БУТ 2024 на домашен терен загуби од Фламинго Волеј со 0:3.
Третото коло беше одбележано со победи на гостинските екипи. Вардар Жени со 1:3 го доби тимот на Форца Волеј Ема, Куманово со 1:3 го доби Бами Кор, а пак Виктори Волеј со 1:3 во сетови беше подобар од тимот на Универзитет во Тетово.
По три кола екипите на Вардар Жени, Фламинго Волеј и Виктори Волеј имаат максимални девет бодови.
Александар Ванев, М-Нет