
Без ноќна тарифа, посебна тарифа за празници, недели и викенди – вака подолго време функционира такси превозот во Штип. Цената ја одредува Советот на Општината, па како што вели претседателот Глигор Арсов, тие ја решаваат нивната судбина, дали ќе се вози поскапо или не. Бараат ова да се промени и такси компаниите сами да одлучуваат за цената на такси услугите.
„Бараме либерализација, не Советот да ни ја решава судбината, дали ќе возиме поскапо или поевтино. Ние во Штип еве немаме тарфи, ноќно возење, за празници. Секаде се знае после 23 часот е една тарифа, за празници, за недела, за викенди , мора да има други тарифи“ – вели Арсов.
Бидејќи ситуацијата на терен е ваква се помалку возачи се одлучуваат да работат по 23 часот, недела, за празници и викенди. Од друга страна пак со моменталните цени на такси услугата не може да се обнови возниот парк, ниту да се вложи во персоналот на пример, додава Арсов.
„Луѓето не сакаат моментално да возат, ниту за празници, ниту ноќе. Еве моментално немаме, третата смена во Штип е скоро на нула. Цената, за граѓаните секогаш ќе биде висока, нормално е тоа. Но ние треба да доеме до цена за да го обновиме возниот парк, да вложиме во пероналот и слично“ – додава Арсов.
Во врска со налепниците НМК Арсов вели дека најголем дел од возилата се свежо регистрирани и се регистерски таблички НМК. Возачаките дозволи вели ќе се променат до крајот на годината, со цел да не се случи такси услугата да не може да се одвива нормално.
Лаура Стојанова М-Нет