Астибо се засили со четири ракометарки, во Штип доаѓаат Ѓурческа, Филипова, Бојковска и Петровска, продолжена соработката со Димова

Астибо од Штип за новата сезона во женската ракометна Суперлига промовираше четири нови засилувања – се работи за Клементина Ѓурческа, Мила Филипова, Марија Бојковска и Ангела Петровска, а дополнително клубот ја продолжи соработката со Елена Димова.

Ѓурческа игра на позицијата бек и доаѓа од редовите на Скопје, а има настапувано и за Металург и Куманово. Филипова исто така игра на позицијата бек, а доаѓа од редовите на Шампион.

Бојковска е пивот која исто така доаѓа од редовите на Шампион, а од оваа екипа пристигна и Ангела Петровска, која игра на крилната позиција.

Претходно, Астибо ја задржа најискусната ракометарка Марија Анчева, која со години важи за најдобар стрелец во Суперлигата, а со задржување и на Елена Димова, Астибо значително го подига квалитетот за новата сезона во Суперлигата.

За новата сезона женскиот ракомет во Македонија добива уште една лига, па така покрај Суперлигата, беше формирана и Првата ракометна лига, а тоа ќе значи дека од Суперлигата ќе има испаѓање, а екипата на Астибо ќе биде дел од ракометната елита следната сезона.

Александар Ванев, М-Нет