
Еден од најстарите познати зеленчуци, но некарактеристичен за нашето поднебје. Аспарагусот е нискокалоричен зелен зеленчук, кој изобилува со здравствени придобивки. Ова необично растение спаѓа во родот на кромидот, лукот, лалето и нарцисот, а се смета дека потекнува од источното крајбрежје на Средоземното море и Мала Азија. Како зеленчук бил ценет уште од античките Грци и Римјани, а денес комерцијално се одгледува во големи количини во Кина, Европа, Перу, Австралија и САД. Сепак, успева и кај нас, па може да се најде и по пазарите во истокот. Од коренче од Канада до аспарагус на кочанскиот пазар, вака нашата соговорничка го објаснува процесот.
„Не, ништо не бара, само вода. Штом ќе израснат толкави гранчиња, веднаш се сече за да не застарее коренот, па одоздола пак ќе пораснат млади“, вели таа.
Богат со витамини, со голема количина растителни влакна, извор на антиоксиданси и антиоксидантски витамини, и покрај непопуларноста, има низа можности за користење. Може да се јаде жив, барен, потпржен или измешан со друг зеленчук, грав, живина или морска храна. Иако може да се најде во текот на целата година, најдостапен е во пролет, а тогаш има и најдобар вкус.
„За во храна го користат, во супи, пржено, во манџи го ставаат. Здраво е“, додава нашата соговорничка.
Луѓето малку знаат за придобивките од овој зеленчук, па затоа и ретко го бараат. Килограм аспарагус може да се најде по цена од 350 денари, но што од цената, што од непознатост, често останува непродаден на тезгата. Сепак, многумина се интересираат и прашуваат за овој интересен зеленчук.
„Килограмот е околу 350 – 400 денари, ама немам продадено многу. Првпат го продавам овде, ние четири години произведувавме дома и го употребуваме, а сега имам вишок. Некои знаат, а некои не. Ме прашуваат што е тоа, велат дека слушнале, а не знаат што е“, завршува нашата соговорничка.
По составот се разликува див и одгледуван аспарагус, бел и зелен. За исхрана се најдобри дивите, а имаат и поинтензивен вкус. Постојат низа начини и совети за тоа како да се подготви добар аспарагус, па е доста често застапен во дел од светските кујни.
Ребека Спасова М-Нет