Амбасадорката на Израел од Штип повика на итно ослободување на заложниците од страна на Хамас

Амбасадорката на Израел во Република Северна Македонија, Симона Франкел, при нејзината посета во Штип во неделата, по повод одбележувањето на 81-годишнината од депортирањето на Евреите од Штип изјави дека треба да се потсетиме дека нејзиното присуство оваа година е значајно затоа што војната во Газа сè уште трае и Хамас сè уште држи 134 заложници. Таа вели дека потребно е итно ослободување на заложниците.

„Знаеме дека помеѓу нив има 19 млади жени кои во тунелите на Хамас страдаат од сексуално вознемирување и сексуална злоупотреба. Сите ние мора да дејствуваме и да повикаме на нивно итно ослободување, и да не ги оставиме таму. Со секој изминат ден кога ги оставаме во тунелите и не правиме сè што е можно за да ги ослободиме, им ги загрозуваме животите и тоа може да ја предизвика нивната смрт. Би сакале да повикаме на нивно итно ослободување“ изјави Франкел при нејзината посета во Штип.