„АКВА БЕЛА РЕСОРТ“ утре со богата програма ќе ја отвори својата втора сезона

Грандиозно отворање на „АКВА БЕЛА РЕСОРТ“ во Штип. Штипскиот Аква парк утре ќе понуди многу изненадувања и богата музичка програма со што ќе се означи почетокот на новата летна сезона. Забавата почнува во 19 часот и влезот за сите оние кои сакаат да бидат дел од истата е бесплатен.

„Имаме спектакуларна програма, нешто веќе е видено, нешто не. Ќе имаме четворица „диџеи“ од кои тројца се од Македонија, а еден од Грција. Очекуваме добра забава. Влезот е бесплатен, но секој кој сака да биде присутен мора да резервира. Забавата почнува во 19:00 часот“, истакна Перица Горгиев, менаџер на „АкваБела Ресорт.

Олимписки базен и водени тобогани, терен за кошарка, одбојка на песок, приватни информативни летови со инструктор, стрелиште со подвижни и статични мети, детско катче и тобогани за деца, бар и ресторан. Сезонава предвидува подобра забава, многу повеќе активности и програма со музика и можност за користење на сите расположливи капацитети во Ресортот.

„Се надевам на успешна сезона со оглед на тоа што веќе две – три години имаме проблем со пандемија, ковид, оваа година и војна. Мислиме дека сепак ќе има подобра сезона од минатата. Ќе имаме добра програма, програмата веќе се подготвува, ќе има добра забава преку ден и ноќ, вечерно кино, забава со пена“, додава Георгиев.

Во однос на картите, и годинава ќе има повеќе можности и пакети, што дополнително ќе биде образложено.

„АКВА БЕЛА РЕСОРТ“ утре ја отвора својата втора сезона, откако минатата година се појави како нов забавен комплекс во Штип со широк спектар на водени, спортски и детски содржини, на површина од 22.000 м2.

Ребека Спасова М-Нет