
Јаболката најатрактивни на штипскиот пазар, иако и оваа недела истиот беше речиси празен. Според продавачите и производителите, кои секој петок се на тезгите во Штип, во зима јаболката најмногу се трошат, а се продаваат по поволна цена. Иако јаболкото мами со својот вкус во текот на цела година, сепак најчесто се користи и јаде во зима поради витамините кои во себе ги содржи. Специфична е и неговата употреба, бидејќи освен сурово, може да се јаде и печено и варено, но и преработено во сок, мармалад, џем и слично. Ова витаминско богатство денес можеше да се најде по цена од 20, па до 30 денари.
Сепак, како и минатиот петок, така и овој, тезгите беа речиси празни. Студеното време и врнежите од снег го испразнија штипскиот пазар утринава, па малкумина денеска ги имаа изнесено своите производи на тезгите. За дел од продавачите и не беше толку успешен, други, пак, се надеваа на поголема раздвиженост во текот на денот.
Освен јаболка на пазарот многу се купуваше и јужно овошје, мандарини, портокали, лимони, цитрони. Сепак, практиката покажува дека втор петок по ред сѐ постуденото време е причина за слаб пазар. Временската прогноза не покажува повисоки температури ни следниот петок, но останува да се види дали пазарот ќе биде празен и тогаш.
Ребека Спасова М-Нет