Штипјанката Марија Данева и „ДАГ бенд“ со успеси на музичката сцена, промовирана преработка на песна

Почеток на соработка, па настапи, многу проби и подготовки и на крај готовиот производ – преработка на песната „Сонце не ме грее“. Марија Данева и „ДАГ бенд“ неодамна го промовираа првиот нивен видео запис, кој, всушност, е преработка на познатата песна на Влатко Лозаноски. Соработката помеѓу нив дошла спонтано, вели Данева пред камерата на М-Нет Телевизија, а до финалниот производ дошле по двомесечни подготовки.

„Минатото лето дечките од „ДАГ бенд“ стапија во контакт со мене. Тогаш јас сѐ уште имав соработка со еден млад музички талент од Штип и веќе бевме во завршна фаза кон прекинување на соработката. Тогаш стапивме во контакт со мојот сегашен бенд, се договоривме и со проби и подготовки, по извесно време, почнавме да настапуваме по локали и ноќни клубови“, вели Данева.

Преработката на песни се прави пред сѐ за промоција пред публиката, посочува Данева, меѓутоа, секое препејување на песна е значајно и за нејзина актуелизација, постојано обновување и повторно слушање од страна на музичката публика. За оваа преработка, додава таа, одговорен е поголем тим.

„Идејата беше да снимаме нешто хрватско, но кога подразмисливме, решивме тоа да биде нешто македонско, бидејќи ние сме, сепак, од Македонија и мислевме дека треба да биде нешто македонско и се одлучивме за „Сонце не ме грее“ од Влатко Лозаноски. Песната се подготвуваше околу два месеца, сакам да упатам една голема благодарност до режисерот и неговиот тим, коишто целосно се вложија во работата и сето тоа изгледа професионално. Благодарност до Горан Гешовски“, додава Данева.

Марија Данева и „ДАГ бенд“ не застануваат овде, плановите за иднина опфаќаат голем број настапи, но не е исклучена можноста и за нешто авторско.

„Во моментов активно настапуваме по ноќни клубови, дискотеки и локали. Тоа го правиме за нас и нашата публика, а во иднина планираме да подготвиме нешто наше, авторско, а, можеби, и повеќе вакви преработки“, посочи Данева.

Инаку, штипјанката Марија Данева како млад вокал е позната на штипската публика. Пред две години, на култниот „Макфест“ таа заврши како третопласирана и се закити со наградата најдобар сценски настап.

Ребека Спасова М-Нет