
Првиот ден од уписите за учебната 2020/2021 година во штипските средни училишта поминува без детскиот џагор. Годинава ги нема големите групи идни средношколци кои со ентузијазам ги поднесуваа неопходните документи за упис во избраното училиште. Утринава, ученици или нивни родители, според азбучен ред, на дистанца, според предвидените прописи, ги поднесуваа документите.
Од директорите на средните училишта дознаваме дека строго се придржуваат кон предвидениот протокол.
-Се почитуваат максимално препораките од Министерството за здравство и Министерството за образование и наука. Организацијата е одлична во училиштето, имаме поставено радари околу училиштето кои ги спроведуваат учениците или родителите, зависи кој доаѓа. Влегува по една личност во просториите на зградата – изјави Горан Кавраков, директор на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, а в.д. директорот на СОУ Гимназија Славчо Стојменски“ истакна дека оваа образовна установа уште рано наутро била подготвена за првиот уписен ден.
-Делот којшто е влезен во зградата беше подготвен, дезинфициран, беа поставени соодветни знаци за тоа како треба учениците или нивните родители да ги почитуваат и да влегуваат во училишната зграда при поднесувањето на нивните документи. Инаку, надвор се поставени двајца редари, кадешто се врши задолжителна дезинфекција, потоа ги пречекуваат членови на наставничкиот кадар, кои ги советуваат учениците да го почитуваат растојанието од два метра, и внатре имаме други членови на комисија коишто ги примаат документите каде што пред влез исто така се врши дезинфекција. Понатаму, за да нема никаков контакт меѓу учениците, се врти еден цел круг за повторно при излегување да се изврши уште една дезинфекција – истакна Јамаковски.
Протоколот се почитува и од страна на раководството и на останатите Средни општински училишта – „Коле Нехтенин“,„Јане Сандански„ и „Димитар Мирасчиев“. Се врши дезинфекција, се инсистира на растојание од два метри и задолжително носење на маски.
Што се однесува до очекувањата за исполнување на максималниот број ученици за предвидените паралелки, во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ има 68 слободни места за две паралелки – за музички теоретичар и музички изведувач, изјави директорот Горан Кавраков и додаде дека програмата за наредната учебна година е подготвена, веќе се познати дел од настапите, а ќе продолжи и меѓународната соработка.
-Запознаени се и учениците и родителите на кое ниво е нашето училиште, рејтингот постојано е во нагорна линија. За жал сите оние настапи кои беа планирани беа одложени поради КОВИД19, меѓутоа ние не отстапивме сепак од програмата, сите тие работи на некој начин ги заменивме со он-лине концерти, он-лине настапи, он-лине натпревари,на кои нашите ученици донесоа високи награди – истакна Кавраков.
Во штипската гимназија има место за 238 нови ученика.
-Во врска со очекувањата, мислам дека ќе имаме доволен број на ученици за да формираме седум паралелки, она што е и потреба на гимназијата- рече Јамаковски.
Очекувањата од средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ се 170 ученика, за предвидените пет паралелки во текстилно-кожарската струка, дознаваме од в.д. директорката Катица Костова, а Емилија Рамбабова директорка на средното медицинско училиште „Јане Сандански“ рече дека според конкурсот распишани се 238 места, од кои 102 за медицинска сестра, по 34 за забен и фармацефтски техничар и 68 за физиотерапевтски техничар.

Рамбабова додаде дека поради големиот интерес уписите за првиот уписен рок во ова училиште наместа два, ќе траат четири дена. Исто толку е предвидено да траат и уписите во СОУ „Коле Нехтенин“. Директорот Дејан Павлов, рече дека веќе до 10 часот денес се покажал големиот интерес, бидејќи имало околу 50 поднесени пријави. Во ова училиште за осумте смера предвидено е да се запишат 340 ученика, кои ќе бидат поделени во девет паралелки.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА/МНет