
Отворени шахти, демолирани контејнери и реквизити од детски парк, ова се само дел од вандализимите кои во текот на изминатата ноќ, но и во текот на викендот се случиле во Општина Кочани.
Ова не е ново, ова вандалско однесување започнало од почетокот на месецов и покрај јавните повици до граѓаните за совесност и одговорност, дознаваме од општинската власт.
Градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев при денешната редовна обиколка на локациите кадешто има инфраструктурни активности, констатирал дека продолжува и вандалското однесување на новото детско игралиште во населбата Драчевик.

–Со ова не се прави штета само на жителите од оваа населба, кои не стигнаа ни да се израдуваат на сѐ уште непуштеното во употреба детско игралиште, вака се прави штета на сите граѓани, бидејќи овие игралишта се градат со пари од сите граѓани.

Ние како локална самоуправа ќе преземеме соодветни мерки, но ги повикувам надлежните органи сериозно да пристапат кон ваквото деструктивно однесување на поединци, од кои штета трпат сите граѓани – истакна Илијев.

Непознатите сторители, освен парковите игралишта, ја вандализираат и урбаната и комунална опрема.
Имено, во текот на минатата ноќ ја разбиле и испразниле бараката во сопственост на КЈП „Водовод“, каде вработените во секторот Паркови и зеленило ја чувале работната опрема. Украдени се сите косилки и алати за одржување на градското зеленило.
Според Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“, по направената проценка од кражбата на алатите, штетата изнесува 135 илјади денари.
-Тоа е штета што е направена на јавните пари, парите на граѓаните. Веќе се организиравме за да нема застои во одржувањето на зеленилото. Повикувам сите подеднакво да се однесуваме одговорно кон комуналната опрема, на која секојдневно забележуваме уништување и штети – изјави Киров.
Утринава неколку шахти биле отворени, по што службите од „Водовод“ интервенирале, со цел да не дојде до несакани последици кај учесниците во сообраќајот.

Ден претходно, поточно во текот на викендот, на улицата „Никола Вапцаров“, кај таканаречените „Атомски згради“ нов метален контејнер е пронајден растркалан по блиските скали.

додека реквизит од детски парк бил преместен пред индивидуален објект од непосредната околина.

Надлежните органи ги истражуваат случаите со цел да се пронајдат сторителите.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА/МНет