Кочани – со средства од Светска банка ќе се регулира дел од коритото на Кочанска Река

Со грант од Светска банка во износ од 10,6 милиони денари, Општина Кочани ќе регулира дел од коритото на Кочанска Река. Станува збор за втор грант од Светска банка за проектот „Подобрување на општински услуги“.

-Добивме 10.614.838 денари, грант од Светска банка, што е уште една потврда за транспарентното и отчетно управување со финансиите од страна на Општина Кочани – изјави градоначалникот, Николчо Илијев.

Средствата ќе бидат наменети за естетско обликување на дел од речното корито, пешачките патеки покрај кејот и уредувањето на просторот. Предвидено е сето тоа да се вклопи во урбаната средина на градот, со што ќе биде даден континуитет на регулацијата на реката во централното градско подрачје.

-Со други зборови, добивме неповратни средства за да уредиме ново место за рекреација, прошетка и уживање во природата – истакна Илијев.

Градоначалникот Николчо Илијев договорот за грантот го потпиша денес во Министерството за финансии.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА/МНет