Шкендија Тетово и Ахмат Грозни се договорија за трансферот на Клисман Цаке

Фудбалскиот клуб Шкендија Тетово официјално потврди дека постигнал договор со рускиот премиерлигаш Ахмат Грозни за трансферот на дефанзивецот Клисман Цаке.

По четири и пол сезони минати во тетовскиот клуб, Цаке ќе ја продолжи кариерата во Русија, откако двете страни го финализираа договорот. Од Шкендија информираат дека трансферот е реализиран по заемна согласност и во интерес и на клубот и на фудбалерот.

Клисман Цаке беше дел од „црвено-црните“ од јануари 2022 година и во тој период одигра вкупно 133 официјални натпревари во сите конкуренции. Тој даде значаен придонес во освојувањето на шампионската титула и во историскиот пласман на Шкендија во групната фаза од УЕФА Конференциската лига.

Од клубот му се заблагодарија на Цаке за професионалниот однос и придонесот во изминатите сезони, посакувајќи му многу успех во новата средина и понатамошната кариера.