
Со нафта од 105 денари, земјоделците се прашуваат како ќе ги подготват нивите за следната сеидба. Производители од Делчевско велат дека со новата цена, механизацијата можат само да ја гледаат, но тешко и да ја вклучат. Само за три хектари, велат, за орање ќе им бидат потребни најмалку 500 евра. А кога на тоа ќе се додадат трошоците за семе, ѓубриво и останатата обработка, производството станува се поскапо и понеисплатливо.
,,Ништо не можеме да направиме, што ќе правиш кога ја имаш механизацијата, а не можеш да ја погледнеш, а камо ли да работиш со неа. 105 денари за нашите примања е висока цена, ниакко не е исплатливо, ама не можеме ние ништо. Со покачената нафта, сега се ќе поскапи, и храната, но и се останато. За млекото сме зависни од млекарата, ако ни го покачат ќе биде добро, ако не ние не можеме ништо. Моментално по 30 денари тие го откупуваат, а према нафтата која се покачува и 35 и 40 денари е малку и тешко, a камо ли пак 30 денари.“, вели Стојановски
Нивите се празни, а земјоделците велат дека се потешко наоѓаат сметка да ги обработуваат. Загрижени се дека ако вака продолжи ситуацијата, уште повеќе земја ќе остане необработена.
,,Имаме разочарани земјоделци, полето е празно, никој не го обработува, никој не го сее, уште некој сточар имаме кој што одлегува уште по некоја стока, ние се трудиме, другото е се застанато и запустено, не се обработува. Со 105 денари нафта да идам на орање за мала рака ми треба 100 евра, за три хектари ќе ми требат додека да го посеам и средам ќе ми требат 500 600 евра само нафта, а дека е семето и ѓуврето вештачно да го купам. Еве веке суво е, треба само да заврне дожд и во секој момент треба да се ора.“, кажа Стојановски
Земјоделците од овој крај, велат дека не знаат и тие што да очекуваат со оваа ситуација. И самите не знаат што е повеќе паметно да направат. Ако продолжи вака ситуацијата, велат ќе бидат приморани пополека да се откажуваат.
Иван Митев, М-Нет