Шкендија Арачиново со предупредување: „Не патувајте за Штип, нема да има гостински навивачи!“

ФК Шкендија Арачиново ги информираше своите навивачи дека за претстојниот натпревар против Брегалница во Штип нема да биде дозволено присуство на гостински навивачи.
Од клубот посочуваат дека Брегалница официјално ги известила дека поради реконструкцијата на трибината, не постојат услови за прием на гостински навивачи.
Дополнително, натпреварот е прогласен за меч од висок ризик, поради што од Шкендија Арачиново упатуваат апел до своите симпатизери да не патуваат во Штип.
„Постои голема веројатност да не ви биде дозволено да влезете на стадионот“, порачуваат од клубот, повикувајќи ги навивачите да го почитуваат известувањето.
Така, петочниот дуел меѓу Брегалница и Шкендија Арачиново ќе се одигра без присуство на гостински навивачи на трибините, во услови на засилени безбедносни мерки.