
Симеон Михаилов, по кого во Македонија е распишана меѓународна потерница, вчера се појави на протест во Софија во поддршка на својата ќерка Ива Михаилова, која во октомври минатата година учествуваше во сообраќајна несреќа во која едно лице го загуби животот, а повеќе беа повредени.
Додека во Кочани вчера продолжи нејзиното судење, случајот привлече големо внимание во Бугарија. Михаилов се појавил на бугарска телевизија каде зборувал за случајот со неговата ќерка. Според податоците на МВР, тој се бара за издржување затворска казна од 12 години и шест месеци, по наредба на Основниот суд во Кочани.
Тој е осуден за кривични дела по член 394, 386 и 123 од Кривичниот законик, а бил дел и од случајот „Детонатор“. И покрај потерницата, Михаилов вчера јавно се појави во Софија и зборуваше за случајот на својата ќерка.
Во текот на постапката тој ја напуштил Македонија, а во 2014 година бил екстрадиран од Италија, каде претходно бил уапсен по меѓународна потерница. Подоцна повторно станал недостапен за македонските органи.
Инаку, судењето на Ива Михаилова привлекува големо внимание во Бугарија. Во Кочани пристигнаа повеќе бугарски медиуми, а само два македонски медиуми го следеа судењето.
Во судницата вчера беа присутни семејството на починатото лице, негови роднини и оштетените, кои го следеа судењето.
Михаилова ја отфрли вината и потврди дека несреќата не настанала по нејзина вина.
Иван Митев, М-Нет