УФЦ борецот Џордан Џонсон пристигна во Скопје, утре почнува семинарот во Штип

Борецот Џордан Џонсон пристигна во Скопје, а од утре ќе одржува семинари во Штип. Американецот е гостин на БК Олимпија од Штип, а беше пречекан од директорот на Клубот, Методи Сичков. Во Штип ќе престојува во период од 3 до 6 мај, кога ќе одржи низа состаноци и ќе спроведе боречки активности.

„Џонсон ќе одржи 4 т.н. клиники, во кои ќе одржи промотивни тренинзи на база на семинар, со цел согледување на потенцијалот, но и промоција на овој спорт кај младите. Имајќи предвид дека станува збор за еден од најпрестижните, но и најмасовно поддржуваните боречки спортови во светот, ова ќе претставува одлична можност не само за штипјани, туку и за сите млади од земјата. Со оглед на тоа дека основниот спорт во кој Џонсон ја започнува својата кариера е борењето, БК Олимпија ќе биде негов домаќин, не само за овој настан, туку и за идните ангажмани кои во перспектива ги има Џонсон, во наштата земјата и во Источна Европа.“ – велат од БК Олимпија.

Активностите започнуваат утре со почеток од 10:00 часот, а од БК Олимпија ги покануваат сите млади спортисти од боречките спортови, борење, џудо, бокс, карате и слично, да бидат дел од настаните и да одржат тренинг со Џонсон. За учеството на тренинзите бројот е ограничен, а сите трошоци се на товар на Боречкиот клуб.

Ребека Спасова М-Нет