Се уредуваат влезовите на станбените згради во централното градско подрачје на Штип

Влезовите на станбените згради денеска се уредуваа во близина на Здравствениот дом во Штип. Увид на активностите изврши градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека овде активностите ќе завршат за десетина дена, но уредувањето ќе продолжи и во останатите населби од градот.

„Денес сме кај стариот пазар, веднаш до Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, каде се уредуваат влезовите на станбените згради на улица „Маршал Тито“. Вредноста на ова партерно и хортикултурно уредување со павер елементи е 700.000 денари. Веднаш по завршување на овој простор којшто претходно бил неуреден и е по барање на жителите на оваа станбена зграда, ќе се започне и со уредување на просторот пред станбените згради во населбите Автокоманда, Осми ноември, Сењак“, посочи Јорданов.

Целта е во градежната сезона да се уредат поголем дел од површините пред станбените згради, бидејќи, како што вели Јорданов, тоа било барање и потреба на жителите.

„Ќе има хортикултурно уредување, затоа што во самиот проект е предвидено да се постават жардињери, да се остави зелен појас за да се постави урбана опрема со осветлување и клупи со цел жителите да имаат помодерно место за релаксирање“, додаде Јорданов.

Активноста е согласно со Програмата за уредување на градежно земјиште и за ваквата активност во населбите низ Штип предвидени се 10.000.000 денари.

Ребека Спасова М-Нет