Турските студенти задоволни од Штип, велат народот е пријателски, државата безбедна и економична

Пријателски народ, мирна држава, безбедно за студирање и пред сѐ економично – вака турските студенти го опишуваат Штип и Македонија, откако од Турција дошле да студираат на Универзитетот Гоце Делчев. Најголем дел од нив се запишани на факултетот за медицински науки. Во Турција посочуваат дека многу потешко можат да се запишат на факултет и затоа своето високо образование го продолжуваат во Македонија.

„Мојата цел и мојот план беше да студирам на мојата идеална кариера. Во Турција полагањето беше неуспешно и барав чаре да се запишам во странство. Кога дојдов во Македонија ми беше доста топло, имавме сличности со нардот овде и не се чувствував како странец“ – вели Илдрај.

Додаваат дека и во иднина планираат да останат и да работат во Македонија. По завршување на факултетот, велат ќе специјализираат на нивната струка и понатаму продолжуваат да ја градат својата кариера овде.

„Сакам тука да живеам затоа што Македонија е многу економична за мене и за турските, странски студенти. Овде се многу пријателски настроени луѓето, местото е мирно.

Мислам дека Македонија за нас има повеќе привилегии за студирање бидејќи во Турција кога завршуваме со средно образование имаме еден тежок испит за да добиеме поени и да бираме факултет. Медицинскиот факултет бара најмногу поени, затоа ние овде можеме да дојдеме и да студираме. Освен тоа Македонија е за мене мирна држава, далеку од политика, безбедено е и економично е“ – вели Оскан.

Странските студенти една година учат македонски јазик, а потоа продолжуваат со студите на факултетот кој го избрале. Велат дека откакоќе го научат јазикот за нив е многу полесно да останат и да учат и градат кариера во Македонија наместо во Турција.

Лаура Стојанова М-Нет