
Нов станбен и деловен објект со можност и за нови паркинг места ќе се изгради на старата и запуштена локација која се наоѓа позади познатиот „Гарни“ хотел во Штип. Предвидено е да се донесе ирбанистички план со што централното градско подрачје во Штип ќе добие нов објект кој ќе биде со неколку намени, и ќе биде од големо значење за граѓаните. Со тоа нема да постои веќе старата слика на неискористено земјиште, запуштена локација, шут во центарот на градот. Градоначалникот Иван Јорданов посочи дека ова е само една од локациите на кои се работи, а започнати се и неколку плански документации за урбанизирање на локации кои биле запоставени.
„Во овој момент во Општина Штип се започнати неколку плански документации и носење урбанистички планови со што ќе се урбанизираат локации кои со годините нанзад се запоставени. Дел од овие локации се наоѓаат и во централното градско подрачје. Една од локациите кои со години наназад е руинирана, запоставена, полна со шут и неискористена површина е локацијата која се наоѓа веднаш до Гарни. Овде се планира да се донесе урбанистички план со што се предвидува објект со неколку намени, а тоа е паркирање, деловен и станбен простор.“ – вели Јорданов.
На последната седница на советот на Општина Штип се даде зелено светло од страна на советниците за да се донесе урбанистички план со кој ќе се предвиде и изградбата на новиот овеќенаменски објект. Со ова се предвидува и нормалиизрање и подобрување на сообраќајот во централното градско подрачје во Штип.
Лаура Стојанова М-Нет