Со тренинг под рефлектори Еуромилк ГЛ ги започна подготовките за враќање во Втора лига под водство на Савов!

Некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ ги започна подготовките за новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Север со тренинг под рефлектори.

Нов тренер на екс прволигашот е Жанко Савов, а тренинзите ќе се одржуваат секојднено со почеток од 20 часот.

Еуромилк ГЛ во сезона 2013/2014 настапуваше во Првата македонска фудбалска лига, но заврши на деветтото место на табелата и испадна директно во Втората македонска фудбалска лига. Следната сезона 2014/2015 Еуромилк ГЛ преку бараж опстана во Втора лига откако во двомеч баражот славеше над Зајази, а во сезона 2017/2018 Еуромилк ГЛ заврши на седмото место во Втора лига – Запад и испадна во Трета лига – Север, а потоа испадна и во Општинската фудбалска лига во Кисела Вода или Четврта лига.

Сега Еуромилк ГЛ има подобра организација, а со новиот тренер Савов ќе се работи на засилување на ростерот за новата сезона во следниот период. Костурот на тимот е сочуван, а истиот ќе се надополни со квалитетни засилувања со што Еуромилк ГЛ ќе се бори за првото место и баражот за можно враќање во Втората лига.

Александар Ванев, М-Нет