Соколи утре против Црн Дрим во Штип – влезот слободен, ќе бидат поставени кутии за донации за настраданите од трагедијата во Кочани

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 19. коло на Втората кошаркарска лига. Колото се отвара утре со пет натпревари, а ќе се комплетира во недела со еден меч.

Утре, Соколи на домашен терен во спортска сала „Јордан Мијалков“ во Штип ќе се соочи со Црн Дрим во меч кој е важен и за двете екипи, каде и едни и другите атакуваат на триумф.

Влезот на натпреварот кој започнува во 18 часот ќе биде слободен, а на вратата ќе биде поставена кутија за донации за помош на настраданите од трагедијата во Кочани.

Борец Баскет на домашен терен ќе бара враќање на победите против Мега Баскет, Маџари како апсолутен фаворит ќе се соочи со последнопласираниот Работнички 2018.

Струмица на домашен терен ќе бара победа во трката за опстанок против вториот тим на МЗТ Скопје, натпревар кој ќе биде исклучително тежок за домаќинот, а пак ланскиот прволигаш Охрид на домашен терен ќе игра против Бутел.

Колото се затвара во недела со натпреварот меќу Водно Санс и фаворитот Ангели.

Лидер на табелата е Маџари со 33 бодови на своето конто, Ангели е втор со 32 бодови, а толку има и Соколи кој е трет, а пак екипата на Црн Дрим од Струга е на четвртото место со 29 бодови, на дното е Работнички 2018 со 20 бодови.

Александар Ванев, М-Нет