Се подготвува електронско претставување на НУ Завод и Музеј Штип

НУ Завод и Музеј Штип започна со електронско претставување на сите локалитети на кои се изведуваат археолошки истражувања и на сите артефакти кои се наоѓаат во објектите на музејот.

Со ова онлине запознавање со историските локации во градот и околината, и промовирање на печатените содржини со кои веќе располагаат, а што ќе биде презентирано на веб страницата на штипскиот музеј ќе се збогати туристичката понуда на општина Штип, истакна директорот, Митко Штерјов.

Состојбата со КОВИД 19, значително го намали бројот на туристи кои во претходните години, организирано, но и самостојно ги посетуваа значајните објекти во регионот. Но оние што не биле досега, кога ќе го посетат веб сајтот на музејот, ќе знаат каква туристичка понуда има музејот, а со тоа и што сакаат да видат, тогаш, кога новата нормалност, навистина ќе биде нормална.

Ние сега во моментот работиме на тие работи, значи целиот музеј да биде претставен онлајн, да може да се посети на тој начин, бидејќи знаеме дека сепак носи и финансиски импликации да се посети некоја работа, меѓутоа кога ќе се види и кога ќе те заинтригира, тогаш можат да се посетат сите тие работи– истакна директорот Митко Штерјов.

Иако во светот владее пандемија, вработените во штипскиот музеј активно работат на повеќе археолошки локалитети, на нивна реконструкција и реставрација.

Џабе ние вложуваме пари во конзервација и реставрација на некои објекти ако тие немаат посетители. Не се работи за тоа дали ќе се наплати карта, битно е да се види, битно е да бидеме видливи. Ние како Национална установа се трудиме во последно време да бидеме видливи. Мислам дека електронската понуда во моментот го добива своето значење и мислам дека треба да се насочиме кон тоа – рече Штерјов.

Според директорот на штипскиот музеј, со печатените содржини со кои веќе располагаат се остваруваат очекуваните резултати, но, свесни дека модерното време си го носи своето, големи напори се прават за промоција по електронски пат.

Туристичката понуда со која располага штипскиот музеј е обемна, тргнувајќи од централниот објект каде се наоѓаат голем број артефакти и експонати во неколкуте поставки. И тоа, археолошката со над 1200 експонати, историската со над 1000 експонати и етнолошката поставка во која се изложени носии и предмети од керамика и дрво, кои сведочат за социјалниот живот и културата на луѓето од Брегалничкиот регион.

Во штипско Ново Село може да се посети Музејот на ВМРО за Штип и штипско во Ново Село, во кој се наоѓаат 11 восочни фигури на револуционери и истакнати дејци на Организацијата, кои потекнуваат или дејствувале во Штип и штипско во периодот од 1893 -1934 год.

Се работи на реконструкција на црквата „Свети Власије“, а се најавуваат активности на Исарот, црквата или џамија „Свети Илија“, на историскиот локалитет Баргала, и останати локалитети во штипско, радовишко и светиниколско, содржини кои навистина заслужуваат да бидат видени.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ЛАЗЕВ