
Се нормализира водоснабдувањето во Штип по дефектот на главната водоводна линија кој вчера без вода ги остави повеќето штипски населби. Иако во текот на вчерашниот делн поради пренасочување на водоснабдувањето, делови од градот имаа вода, од утринава повторно се соочија со суви чешми. Сепак, дефектот е саниран и вода денес ќе има во сите населби, објаснува директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков.
„Пуштена е водата контролирано за да не настанат дополнителни дефекти на водоводната мрежа, бидејќи водоводната линија е празна поради дефектот. Доколку дојде големо количество на вода, би можеле да настанат и уште поголеми дефекти, така што контролирано малку по малку ја пуштивме водата. Нашите инженери од филтер станицата го контролираат тоа. Се очекува веќе во овие моменти и највисоките зони во градот да добијат вода“, истакна Здравков.
Дефектот беше саниран во доцните вечерни часови, а на санацијата работеа екипи на Водовод и канализација при ЈП „Исар“. Директорот Здравков е со став дека може само да се надеваме оти ваков дефект нема повторно да ни се случи, но за трајно решение потребна е целосна замена на старата и дотраена водоводна мрежа.

„Најпрво сакам да упатам благодарност од вработените во Водовод и канализација, коишто буквално 24 часа, непрестано, во непристапен терен, на жешко време работеа на санирање на дефектот. Се работеше за главна линија, за ниска зона со профил Фи 500, инаку азбестно – цементна цевка којашто е постара од 30 – 40 години, поради дотраеност настануваат и овие дефекти. Се санираше во доцните вечерни часови и веќе од утринава е воспоставено нормално водоснабдување. Во моментот се очекува и највисоките делови од градот да добијат вода. Се надевам дека нема да имаме некој поголем дефект на главните линии, но дотраеноста си го прави своето. Не се инвестирало во тоа, но се надевам дека ќе најдеме начин и за реконструкција на примарната мрежа“, додаде Здравков.
Дефектите на водоводната мрежа се сѐ почести во последниов период по поврзувањето со ХС Злетовица. За трајна реконструкција има иницијатива и тоа со истористување на парите од самопридонесот.
Ребека Спасова М-Нет