
Леб на маса не е показател дека некој има да јаде. Потребни се повеќе продукти чија цена сега е во пораст, а кои го носат само епитетот насушни, не и производи за квалитетен живот. Под линијата на сиромаштија во 2019 се наоѓале 35% проценти од вкупното население, што е живот во сиромаштија за секој трет човек. Источниот регион е меѓу најсиромашните, покажуваат истражувањата на Македонската платформа против сиромаштија. Статистики за 2020 година сѐ уште нема, но согласно со претпоставките, пандемијата донесе позагрижувачка состојба од кога било.
„Тогаш секој трет граѓанин не бил во можност соодветно да го затопли домот или да обезбеди соодветна нутритивна храна или да може да си обезбеди еднонеделен одмор надвор од домот. Пандемијата сериозно многу влијаеше на животите на граѓаните, бидејќи не само што системот за социјална заштита се отвори и им овозможи тие да земат минимален прифат, една минимална помош со којашто тие егзистенцијално би можеле да преживеат, отсуствуваа сите останати работи. Значи, невработеноста се покачи, квалитетот на живот, во смисла на живеалиштата, во однос на храната, сето тоа се намали. Пандемијата влијаеше, можеби, не во бројки, меѓутоа го продлабочи јазот, направи поголема раслоеност“, истакна претседателката на МППС, Билјана Дуковска.
Истражувањата на терен, но и очигледната ситуација покажуваат дека во последниве две години оние кои можеле да купат малку, сега можат да си дозволат да купат уште помалку. Луѓето се ставаат во ситуација да се откажат од повеќето работи за да можат минимално да се прехранат.
„Можам да кажам дека и во најразвиените земји луѓето за време на пандемија се соочуваат со огромни проблеми, во смисла на проблеми со храна, отпуштање од работа и вдомување. Сметам дека пандемијата дополнително го зголеми јазот помеѓу богатите и сиромашните, но и дополнително го осиромаши народот. И тие коишто има барем некаков вид на достоинствена работа со пандемијата ја изгубија. Можеме да кажеме дека процентот, не статистички кажано, но според нашата работа на терен, е зголемен“, посочи Сашко Јованов, Национален координатор на лица со искуство од сиромаштија.
Искуствата на директно засегнатите лица покажуваат дека потребни се многу повеќе мерки во рамки на програмите на Владата и локалната самоуправа. Потребно е зголемување на социјалната помош која се дава за луѓето кои се под линија на сиромаштија, но и дополнителни чекори и субвенции за луѓето кои се во ризик од сиромаштија.
„Во однос на сиромаштијата на локално ниво, поточно во Општина Штип, егзистенцијата којашто ја добиваат вработените коишто се во приватниот сектор не соодветствува со потребите коишто ги имаат за да го прехранат своето семејство. Самите програми, кога ќе се подготвуваат во овие институции треба да придонесат за подобрување на условите и квалитетот на живеење преку конкретни мерки со кои на некој начин ќе излезат од тој праг и ќе имаат еден нормален и достоинствен живот“, истакна Ерол Адемов, Член на Извршниот одбор на МППС.
Ваквите потреби беа дискутирани на денешната регионална работна средба на тема „Гласот на локалната заедница“, која се одржа во Салата на Советот на Општина Штип.
Ребека Спасова МНет