Потврден Индискиот сој на корона вирусот во Македонија, но нема опасност од дополнителен ризик

Министерството за здравство истакна дека во Македонија е потврден и првиот пациент со индискиот сој на корона вирусот. Пациентот се вратил од Ирак, но тој не претставува опасност за дополнителен ризик информираат од МЗ.

„Минатата недела кај еден пациент кој е хоспитализиран во приватна болница, е детектирано присуство на индиски сој на вирусот СарсКов2. Според епидемиолошката анкета која ја направила болницата, пациентот се вратил од Ирак, каде претходно 10 дена бил болен и хоспиталзиран, кога се вратил во земјава, веднаш со посебно санитетско возило бил пренесен во болницата“, велат од Министерството.

Во меѓувреме вообичаената ковид ситуација во државата продолжува. Во штипската модуларна ковид болница се хоспитализирани само 10 пациенти, но ниту еден не е на кислородна поддршка. Во последните 24 часа нема ново примен пациент, ниту починати. Слободни се 37 кревети, информираше потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

На ниво на државата во последното деноноќие регистрирани се само  десет пациенти позитивни на Ковид-19 од направени 2825 тестирања. Според информации од Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 814.518 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.417, бројката на оздравени пациенти е 149.292, на починати е 5.455, а бројот на активни случаи изнесува 670.

Лаура Стојанова М Нет