Полициските службеници се симболот на довербата во институциите, вели Спасовски по повод 7 Мај

Полициските службеници се симболот на довербата во институциите, истакна Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во видео-честитка по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција. Посочи дека ова е ден на кој се оддава признание на полицските службеници кои ги доведуваат во опасност своите животи извршувајќи ги своите работни задачите, па честитајќи го 7 Мај, им посака многу успеси и уште подобри резултати.

„Токму полициската униформа влева чувство на сигурност, на спокоен живот. Вие сте првиот пријател на граѓанинот, кога станува збор за одржување на јавниот ред и мир, за безбедноста во сообраќајот, за имотни деликти, спасувачка мисија или некоја покомплексна оперативна акција, како што се оние за сузбивање на недозволена трговија со дрога и оружје, илегална миграција или пресметка со организирана криминална група… За сите овие активности влогот е енормен, бидејќи често знаат да бидат и многу ризични“, истакна Спасовски.

Во однос на резултатите, Спасовски потенцираше дека се реновирани речиси 80 објекти низ државата, обезбедени се нови униформи и опрема, исплатени пет бонус плати, а од 2017 година па наваму платите во четири наврати зголемени. Со ова поттикната е ефикасна оперативна работа на терен, вели Спасовски, а криминалитетот е намален.

„Денес можам со задоволство да кажам дека македонската полиција е на граѓаните, но бескомпромисна по прашање на криминалот. Нејзината ефективност од година во година расте, а со тоа расте и довербата во институцијата. А, за тоа говорат резултатите. Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. 2022 година ја завршивме со најдобри резултати во последните 30 години! Тоа се наши заеднички резултати!“, додаде Спасовски.

Во оваа прилика потсети и на полициските службеници кои го положија својот живот со својата заложба за безбедност на граѓаните, за кои рече дека се вечна инспирација за сите.

Ребека Спасова М-Нет