Се подготвува нова театарска претстава во штипскиот Театар во режија на Васил Христов

„Роденден“ е новиот проект на штипскиот Театар, театарска претстава која својата премиера ќе ја доживее на крајот на месецов или почетокот на следниот. Претставата е во режија на Васил Христов, кој вели дека подготовките се во полн ек и веќе се работи на сцена.

„Подготовките одлично одат сега засега, веќе работиме на две недели и веќе сме на сцена. Тоа значи дека многу брзо и ефикасно ги завршиме читачките проби на маса. Инаку, станува збор за проект којшто е наречен „Роденден“ по текстот на Харолд Пинтер, познат британски автор и нобеловец, во моја режија и со ансамблот на штипски Театар“, истакна Христов.

Станува збор за театарска претстава која има психолошки карактер. Христов смета дека театарот не треба да им ја земе работата на естрадните уметници и да ја забавува публиката, туку да им покаже нешто значајно, а оваа претстава ја има токму оваа функција.

„Станува збор за психолошка драма. Малку потешка приказна е, меѓутоа мислам дека ред и време е штипскиот Театар повторно да се занимава со некои посериозни теми во општеството и она што ни се случува. Малку посериозна драма, каде што се истражува влијанието на општеството врз поединецот и кон што тоа води, кои се психолошките реперкусии од едно општество кое го притиска поединецот“, додаде Христов.

Претставата ќе биде една од вкупно петте премиери до јуни, со што ќе се заврши полу-сезоната, а истите ќе бидат дел од одбележувањето на 100-годишнината од организираното театарско движење.

Ребека Спасова М-Нет