
Второлигашот Осогово од Кочани и шефот на стручниот штаб Добринко Илиевски се договорија за спогодбен прекин на соработката, откако „жетварите“ не тргнаа според посакуваното, на стартот од сезоната имаат два порази и едно реми.
Вчера, Осогово во Гевгелија доживеа висок пораз од Кожуф со 4:1, па тоа го вклучи црвениот аларм во Кочани за тренерска промена.
Тоа што го најавувавме во текот на вчерашниот ден добива на потврда. Како што рековме вчерашните резултати во третото коло на Втората лига предизвикаа тресење на неколку тренерски столчиња, првата промена е во Кочани, а во текот на следниот период не е исклучена можноста за уште една до две тренерски промени, за што ќе информираме дополнително.
Од клубот му се заблагодарија на Илиевски за досегашната соработка, посакувајќи му успех во понатамошната кариера.
Следува репрезентативна пауза, истата ќе биде добредојдена за да се изнајде решение кој да седне на тренерското столче на Осогово и да го води тимот во понатамошниот тек од сезоната во Втората лига.
Во рамки на следното 4. коло Осогово на домашен терен ќе игра против Детонит Плачковица.
Александар Ванев, М-Нет