Околу 40% од студентите својата иднина ја гледаат во местото на живеење, исто толку надвор од државата

Високото образование придонесува за намалување на внатрешната миграција кај младите. Ова го покажуваат истражувањата кои беа спроведени кај средношколците и кај студентите кои студираат на УГД Штип, надвор од главниот град. Само 10% од средношколците својата иднина ја гледаат во локалното место од каде потекнуваат, за разлика од студентите чии процент е околу 40. За разлика од внатрешната, кај надворешната миграција нема значителни разлики.

„Околу 40% од средношколците ја гледаа својата иднина во главниот град, 40% надвор од Македонија и само 10% од нив својата иднина ја гледаа во локалното место од каде што потекнуваат. Втората група беа студенти кои студираат на УГД Штип. Тоа се студенти кои студираат надвор од главниот град. Кога ги прашавме каде се гледаат во иднина, околу 40% ја гледаа надвор од државата, околу 10% ја гледаа во главниот град и околу 40% ја гледаат својата иднина во локалното место каде што живеат.“ – вели Стојановски.

Се зголемува образованата миграција, однонсо можноста средношколците да студираат надвор од државата. Ова зголемување е од 12 на повеќе 20%, вели Стојановски. Затоа мора да се преземаат разни чекори со помош на кои ќе се намали секој вид на миграција.

“Ние мора да имаме кредибилни податоци, тука треба да соработуваат институциите, универзитетите, македонската академија на науки и уметности и статистичките центри. Тоа е првиот чекор. Вториот чекор би било да се детектира од кои региони однонсо да се направи мапирање на миграциите од кои региони имаме мигрирање.“ – додава Стојановски.

Додава дека треба да се направи и мапирање на ресурсите со кои располагаат мигрантите. Стојановски вели дека мора да се работи на децентрализација. Со тоа ќе се намали степенот на миграција, не само надворешна туку и внатрешна.

Лаура Стојанова М-Нет