Од денеска започнува електронското пријавување за сместување во студентските домови

Од денеска до 31 јули трае електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државава за академската 2025/2026 година за студентите од втора и повисоките години на додипломски студии и за апсолвенти. Рокот за пријавување за прием во студентските домови за студентите од прва година ќе почне по завршувањето на уписниот рок на факултетите во август, и ќе трае од 10 до 17 септември 2025.

Студентите кои ќе аплицираат за легло во некој од студентските домови треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови ќе останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември 2025.

Според Конкурсот што го објави Министерството за образование и наука, слободни се вкупно 4264 места во студентски домови во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се наменети за бруцоши, а 3413 места се за студенти од втора и повисоките години на студии.

Во штипскиот студентски дом Браќа Миладиновци се слободни 236 легла.

Во Конкурсот на МОН се појаснети условите за прием на студенти во домовите, начинот на електронското пријавување, начинот на кој се врши распределбата на расположивите места, документите потребни за аплицирање, конкурсните рокови и постапката за прием во студентските домови.

Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен најдоцна до 6 септември 2025 на огласните табли во студентскиот дом каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството.

Како што е наведено во објавениот Конкурс, студентите кои ќе бидат примени треба да се вселат почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој се примени, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет