Николов: „Ќе се контролира носењето отпад за депонијата да остане чиста.“

Со дозвола од Општината и комуналната служба граѓаните ќе го носат градежниот шут во штипската депонија. Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов, рече дека единствен начин да биде контролирано носењето отпад на депонијата и таа да остане чиста е секоја градежна активност од страна на физички или правни лица да биде пријавена во комуналната служба за да се знае колкава количина шут се носи, од која локација и кое возило ќе го пренесува истиот.

„Следно што ќе правиме и ќе го донесеме и како одлука на Совет е секоја градежна активност, којашто ќе се врши во кој било дом, во која било правна парцела каде што треба да се гради без одобрение од Општината нема да се врши. Отпадот, шутот којшто ќе се продуцира од самата активност мора да биде пријавен во општинските комунални и инспекторски служби за да имаме увид дека тој отпад ќе биде складиран во депонијата во вистинско време. Нема да имаме движење на трактори со шутови и отпади, камиони со отпади, нерегистрирани и непријавени во инспекторските служби заради тоа што тоа е единствениот начин како можеме да ги канализираме, генерализираме и контролираме шутот и отпадот којшто се расејува секаде низ градот.“, изјави д-р Сашко Николов, Градоначалник на Општина Штип.

Николов истакна дека комуналните инспектори и редари ќе се погрижат ова да стане начин на функционирање на општина Штип и депонијата за да не се повтори претходната слика.

Лаура Стојанова МНет