Неколку неизвесни натпревари во Купот на Македонија, прволигашите фаворити, изненадувања се очекуваат на неколку средби!

ФОТО: АРХИВА

Првата рунда од Купот на Македонија носи изразити фаворити, но ќе има и по некоја неизвесна средба.

Еден четвртолигаш ќе се соочи во првата фаза од Купот на Македонија, Јени Маале ќе игра против прволигашот Шкендија, каде тимот од Тетово е апсолутен фаворит.

Третолигашот Башкими 2008 од Јаболчиште во првата фаза од Купот ќе игра против Детонит Плачковица, второлигашот од Радовиш на себе ќе ја има улогата на фаворити на овој меч.

Понеизвесен меч ќе се очекува меѓу Шкендија Арачиново и Каменица Саса, соочување на два второлигаши, но фаворитската улога ќе биде кај екипата од Арачиново, која минатата сезона приреди сензација откако го исфрли Работнички од Купот уште во првото коло.

Во Струмица ќе гледаме соочување на второлигашот Беласица и прволигашот Арсими. Струмичани градат тим со кој сакаат атак на местата кои водат кон Првата лига, па соочување во рамки на воведната рунда од Купот ќе биде вистински тест за нив.

Третолигашот Карбинци ќе игра со прволигашот Работнички, кој доаѓа како голем фаворит, а истото ќе биде и на мечот меѓу третолигашот Евротип и прволигашот Силекс, каде тимот од Кратово е голем фаворит за следна фаза.

Победа Валандово ќе земе учество во првата фаза од Купот, а ќе се соочи со Брегалница, со што разликата во квалитет и искуство го прави штипскиот тим голем фаворит. Повратникот во Втората лига, Тетекс ќе игра со фаворитот Пелистер, на „Билјанини Извори“ ќе се одигра можеби најнеизвесниот дуел меѓу второлигашот Охрид кој гради тим за влез во Прва лига и прволигашот Брера Струмица, која очајно ја отвори новата сезона особено со тој тежок пораз во Кратово од 5:0. Охриѓани на овој меч со поддршка од верните „рибари“ можат да целат кон следна фаза од Купот.

Третолигашот Љуботен ќе има тешка задача против фаворитот Македонија ЃП, прволигашот од Ѓорче е фаворит, а пак во Автокоманда ќе се соочат второлигашот Скопје со прволигашот Тиквеш.

Екипата на Кожуф на домашен терен ќе игра против прволигашот Шкупи, кој во новата сезона не тргна според посакуваното и има турболенции во клубот, па тоа може да го искористи второлигашот од Гевгелија.

Прилепска Победа која е во хаотична состојба ќе игра против Башкими, а прволигашот од Куманово е апсолутен фаворит. Екипата на Пчиња во рамки на првото коло ќе игра против второлигашот Новаци, а за третолигашот ова ќе биде историско учество во Купот на Македонија.

Првата рунда од Купот на Македонија е планирана да се одигра на 26 односно 27 август. Победниците патуваат директно во осминафиналето, а доколку нема победник во регуларниот дел се изведуваат директно пенали. Во оваа фаза од Купот се игра само еден елиминациски натпревар.

Александар Ванев, М-Нет