
Новата сезона 2025/2026 во Првата ракометна лига ќе биде повеќе од неизвесна, конкуретна со голема борба за првото место кое води кон Суперлигата.
Конкуренцијата е голема неколку екипи сериозно се засили и имаат амбиции да го напаѓаат првото место за директен влез во ракометната елита, но и втората позиција или баражот ќе биде како опција, но тоа ќе биде потежок пат за пласман во Суперлигата.
Но, некогаш и потешкиот пат знае да биде успешен, па така Радовиш пред две сезони преку баражот го совлада суперлигашот Еурофарм Пелистер 2 и експресно се врати во Суперлигата, со што се потврди дека може да има и изненадување со оглед на тоа дека квалитетот и фаворитската улога секогаш е на страната на екипата од Суперлигата која се бори за опстанок.
Оваа сезона во трката за влез во Суперлигата влегуваат неколку екипи – Младост Богданци веќе направи сериозна екипа со која се наметнува како еден од главните фаворити за влез во Суперлигата, па така по неколку години пауза би се вратил елитниот ракомет во Богданци.
Од друга страна сега и Вардар Неготино има амбиции и планови за што гради тим за да се врати во Суперлигата, а како потврда за тоа е ангажманот на Пепи Манасков на тренерското столче.
Македонија ЃП веќе со години гради тим од млади играчи кои веќе покажуваат зрелост, а со неколку квалитетни засилувања тимот ќе се наметне како еден од кандидатите во борбата за Суперлигата.
Драчево Јуниор е тим кој исто така ќе биде меѓу кандидатите за висок пласман, за што и оваа екипа значително се засили и промовира нови играчи. Во трката за првото место сериозно влегува и тимот на Мулти Есенс, кој минатата сезона беше втор и играше бараж но не успеа да ја совлада Струга, со што стружани останаа во Суперлигата, а Мулти Есенс во Првата лига.
Оваа сезона ќе биде значитечно посилна во однос на ланската сезона, правото на странци и во Првата ракометна лига го подига квалитетот и прави да гледаме неизвесна борба до самиот финиш, ако минатата сезона Еурофарм Пелистер 2 беше единствен и главен фаворит за првото место и однапред веќе се беше решено, годинава можеби и последното коло ќе решава, а тоа ќе биде одлично за сите љубители на македонскиот ракомет да следат неизвесна сезона со квалитетни натпревари.
Новата сезона се отвара на 13 односно 14 септември, а во истата ќе се натпреваруваат 14 екипи, кои ќе играат во двокружен систем дома – гостин, ќе се одиграа вкупно 26 кола.
Како што претходно информиравме во рамки на првото коло Македонија ЃП ќе игра скопско дерби со Мулти Есенс. Овче Поле во Свети Николе го чека Вардар Неготино, Кичево ќе игра со Партизан, Младост во Богданци како голем фаворит ќе го пречека Астраион од Струмица.
Екипата на Јехона ќе игра со Преспа Вардар, Текстилец во Штип го чека Аеродром, додека пак Драчево Јуниор ќе се соочи со Шампион.
Александар Ванев, М-Нет