
Од два часот секоја ноќ, на месечина и со електрик, почнува денот на тутунарите од плачковичките села. Берат до пред пладне, додека сонцето не е силно, а потоа набраното го носат дома, го нижат и го закачуваат во сушарите. По целата оваа мака, им се врти едно прашање – зарем тутунот и годинава ќе треба да го дадат под 600 денари за килограм, кога литар нафта веќе чини 100 денари, а со 10 литри до нивата и назад можат да отидат само неколкупати? Сали Ибраими од селото Кучица вели дека оној што никогаш не работел тутун не ја знае маката на овие производители, па затоа очекува откупната цена да не биде под 10 евра за килограм.
,,Веќе четврта рака се бере кај нас, онај дел еден ден го фати град, имаме штета од град. Очекуваме сега барем од министерот цената на тутунот да не е испод 10 евра. Барем 600 денари да е, значи испод тоа да не е, еве едно кило нафта е веќе 100 денари. Ставеш 10 кила нафта, два дена немаш за да одиш до нивата и да се вратиш. Цената ако биде како лани навистина ќе се утепани, барем 600 денари да биде за да се испалти, за да можеме и догодина да работимее. Да ги добивме субенциите за тутунот. На прва класа 80 денари зедовме, а значи полани сме зимале по 120 денари, оваа година по 80, како удар. На скапијата наместо да покачат, тие ни намалија. И сакам да се плате субвенција, без разлика дали е прва класа или втора, како што беше порано по 120 денари имаше “, рече Сали
Сали годинава тутун насадил само 10 тина декари, што е на половина помалку од лани, кога имал околу 20 декари. Вели дека ако продолжи ваквата состојба, догодина можеби воопшто нема да сади тутун.
,,Многу тешка работа е, стани ноќта во 2 часот, сабајлето до 10, се е на нога, кој што не е работил не зна каква е маката. Потоа нижење, а оваа година има навистина квалитет. Очекуваме да има добра цена. Десет декари има оваа година, намален ми е. Лани имав 20 декари, сега имам 10 декари, вака ако се продолжи догодина нема да сеам.“, додава Сали
Покрај повисока откупна цена, тутунарите бараат и зголемување на субвенциите, кои годинава, како што велат, се намалени. Велат дека само со поголема поддршка и цена што ќе го покрие трудот, ќе имаат причина да продолжат да садат тутун и догодина.
Иван Митев, М-Нет