
Ковид ситуацијата во Источниот дел државата стабилна. Бројот на хоспитализирани пациенти во модуларната ковид болница во Штип идентичен како и претходното деноноќие, односно само девет лица имаат потреба од болничко лекување. Пет лица се на кислородна поддршка а слободни се 38 кревети информираше потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Во последните 24 часа во Штип примен е еден нов ковид пациент, а исто еден е регистриран како оздравен.
Министерот за здравство Венко Филипче, во текот на вчерашниот ден истакна дека доколку продолжи ваквиот тренд на опаѓање на бројката на новоинфицирани пациенти и доколку се одржи стабилна ковид ситуација, од 15 јуни нема да има ограничување на движењето а ќе бидат дозволени и концерти. Засега на сила остануваат новите мерки и протоколи за заштита од невидливиот непријател.
Според информации од министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 804.728 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.364, бројката на оздравени пациенти е 148.872, на починати е 5.435, а бројот на активни случаи изнесува 1.057.
Пехчево останува со ниту еден активен случај на ковид 19, а најмногу активни случаи во моментот во општините од Истокот има во Виница 18.
Лаура Стојанова М-Нет