Ќе добие ли Кочани велосипедска патека до крајот на вториот предвиден рок за реализација?

Граѓаните во Кочани, љубителите на спортот и велосипедизмот се органичени во можноста да уживаат во нивното хоби. Ако сакате да пешачите или спортувате, возите велосипед на пример до браната Градче тоа мора да го правите по патот кој е наменет и за автомобили. Од овде се јавува прашањето колку е безбедно да се пешачи, да се вози велоспиед и автомобил по ист пат. Заради ова Општина Кочани започна со проект на изградба на пешачка односно велосипедска патека која понатаму ќе продолжува до Пониква, и е дел од проектот Планински велосипедски рај на Пониква.

„Пешачката патека односно велосипедска патека е дел од проектот Планински велосипедски рај која треба да продолжи понатаму до Пониква и до овој момент е завршена до новиот мотел на браната Градче. Очекувам дека оваа патека ќе ја препознаат граѓаните и дека навистина ќе ја користат и со тоа ќе придонесеме и за поголема безбедност, бидејќи граѓаните сега го користат асфалтираниот пат кој може да биде и не безбеден“ – истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Патеката според првични информации веќе требаше да се користи, односно нејзиното завршување беше предвидено до ноември минатата година, но заради проблеми со изведувачот рокот е пролонгиран до јуни оваа година.

„Овој проект е навистина од огромно значење за Општина Кочани. За жал имаме огромни проблеми со изведувачот бидејќи оваа патека требаше да биде завршена уште минатата година до 15 ноември. Од причини што не се завршија проектите како што треба односно реализацијата одеше споро Владата наиде на разбирање и го пролонгира овој рок на изведба до крајот на јуни што значи ние сме сега пред истекот на месецот, а патеката сеуште не е завршена“ – кажа Илијев.

Со проектот за изградба на велосипедската патека во Кочани се одвива и проткетот за изградба на Планинарски дом чија што изградба и релизиација е во завршна фаза.

Лаура Стојанова М-Нет