
Во последната деценија Свети Николе е еден од ретките градови во државата каде што културните настани се редовни, научната работа не престанува, а уметничките дела кои излегуваат од главната населба во Овчеполската Котлина се сè поимпресивни и впечатливи.

Публицистот м-р Никола Ристевски, кој е и научен соработник во Институтот за Култура и Уметност на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ заедно со својот тим со години работат на претставување и прикажување на Овчеполските природни ресурси и културното наследство. По објавените дузина книги во последните неколку години, м-р Ристевски од минатата година и официјално ја оформи Продукцијата Аристон, со која работи на снимање на кратки филмови, промотивни видеа и документарна серија. Откако со директорот на фотографија Дуле Јанев успеаја да стигнат и до емитување на нивни видеа во познатата серија „Древни Вонземјани“ на History Channel, по промоцијата на регионот во култната „На рубу знаности“ на Крешимир Мишак и споделените информации за Овчеполието со многу домашни и странски медиуми, овие млади Овчеполци работат на големо дело кое за волја на вистината е прв таков проект во Овчеполието.

Тимот на Продукција Аристон веќе ги има иснимено најзначајните Овчеполски цркви и скоро сите Овчеполски села, имаат подготвено сценарија, текстови и материјали за продуцирање на првата документарна серија за Овче Поле со работен наслов „Древното Овче Поле во новото време“. Јанев и Ристевски ни изјавија дека станува збор за документарна серија која ги опфаќа сите Овчеполски села, ги претставува природните ресурси и културното наследство на регионот, а укажува и на огромниот економски потенцијал на Овчеполската Котлина. Во текот на оваа есен се снимаат последните кадри за потребите на серијата и истата влегува во процес на пост-продукција и подготовка за официјално објавување.
Во меѓувреме, тимот на Продукција Аристон успеа да го сними Ансамбл Македонија во дворот на црквата Свети Никола во Свети Николе, а краткиот филм насловен како „Овчеполско оро“ наскоро ќе доживее официјална промоција пред заинтересираната јавност.

Во изминатиот викенд, Продукцијата Аристон работеше на последната етапа од проектот насловен како „Овчеполски филм“, за кој продуцентот и режисер Ристевски вели дека е краток филм со авторска музика кој на гледачите ќе им овозможи да ѕирнат во непроценливата убавина на Овчеполието. По долгиот период на снимања во природа, минатата седмица продукцијата доби дозвола од Управата за заштита на културно наследство и со тоа стана првиот тим кој снимал филм на археолошкиот локалитет „Билазора“, односно Бела Зора во близината на Свети Николе. Засега е единствена во регионот која работи на вакви проекти.