
Кучиња скитници проблем за граѓаните во Општина Пехчево. Секојдневно како што велат се соочуваат со глутница кучиња по улиците, кои честопати и напаѓаат. Група граѓани на Општина Пехчево преку писмено барање упатија молба до општината и градоначалникот да се реагира и да се реши проблемот со кучињата скитници. Во спортивно велат ќе следува тужба против општината.
„Не се чувствуваме безбедно и секој ден со страв или со придружба мораме да одиме на работа во периодот од 6 до 7 часот. Веќе имаме неколку случаи како кучињата напаѓаат. Затоа упатуваме барање до општината и градоначалникот да превземат мерки за заловување и згрижување на големиот број кучиња скитници кои се забележуваат по сите улици во Пехчево“ – стои во писменото барање од страна на граѓаните.
За случајот се запознаени и од општината од каде се согласни дека проблемот постои, но и дека активно се работи на соодветно заловување, третирање и згрижување на кучињата скитници. Градоначалникот, Александар Китански, вели дека обврска на заловување на кучињата скитници е на ветеринатрната станица Виница со која Општина Пехчево има склучено договор.
„По заловувањето кучињата се кастрираат, се вршат здравствени прегледи, се врши социјализација на животното. Сите заловени кучиња ако не бидат вдомени се враќаат на местото од кадешто се заловени“ – вели Китански.
Проблемот лежи и во неодговорните сопственици кои чуваат домашни миленици и ги оставаат на улица со што истите стануваат скитници. Китански упати апел до граѓаните да бидат одговорни да не ги оставаат животните на улица, за потоа да се создаваат проблеми со кучиња скитници.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет