
Заврши тендерската постапка за избор на оператор кој ќе го инсталира СКАДА системот во Штип. Со помош на СКАДА системот ќе се врши контрола на загубите на вода, со што ќе се подобри и финансиската состојба во ЈП Исар. Електронски ќе се има увид на водосостојбата во мрежата за водоснабдување.
„Имплементација на СКАДА системот предвидува на 35 точки регулирање на протокот на вода и со тоа практично контрола на загубите кои ЈП Исар ги генерира секоја година. Очекуваме во наредните месеци по завршување на овој проект да се подобри и финансиската состојба во јавното претпријатие и да има зголемена контрола на водоснабдувањето“ – вели Јорданов.
Дополнително во наредните неколку месеци се очекува во функација да бидат ставени и двата резервоари Пребег и Мери со што значително ќе се подобри водоснабдувањето во градот, особено во високите делови од Штип.
„Со изградбата на двата резервоари Пребег и Мери значително ќе се подобри состојбата со водоснабдувањето пред се во високите зони од градот и зголемување на капацитетот за водоснабдување на територија на Општина Штип. Тие се веќе физички изградени, се чека нивно цевководно поврзување и ставање во функција во водоводната мрежа. Очекуваме до пролет ова да биде завршен процес имајќи во предвид дека месеците кои следуваат ќе се работи на нивно цевководно поврзување“ – вели Јорданов.
Овој проект е од суштинско значење за функционирањето на ЈП Исар, а додавајќи ги на ова резервоарите Пребег и Мери и главната водоводна линија 2 долгорочно ќе се реши проблемот со водата за пиење во Штип.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет