
Шкендија Арачиново со минимални 1:0 славеше над Скопје за комплетирање на седмото коло во Првата македонска фудбалска лига, со што го имаме конечниот изглед на табелата по седум одиграни натпревари.
Дашмир Елези беше единствен стрелец на голот со што донесе трета победа во низа за екипата на Арачиново, која како дебитант одлично се снајде во елитата и сега со вакви резултати тимот е мотивиран да бара и билет за Европа.
По седум кола вицешампионот Шкендија од Тетово е на првото место со 16 бодови, Струга Трим Лум го задржа второто место со 14 бодови, а веднаш следува Шкендија Арачиново како третопласирана со 13 бодови. Одличен старт на сезоната има и Тиквеш, тимот од Кавадарци се наоѓа на четвртото место со 12 бодови, а бод помалку има Вардар кој е петти, шампионот на Македонија има ефект од три победи, две ремија и два порази.
Следува мал пресек на табелата – Силекс и Арсими го делат шестото место со по осум бодови, Брегалница по седум кола има седум бодови со ефект од две победи, едно реми и четири порази за осмо место или бараж зона за опстанок.
Во опасната зона е Башкими како претпоследен со четири бодови, а на дното е Скопје кој има три бодови.
Нема веќе непоразени екипи, сите имаат барем по еден пораз како Шкендија, Струга и Тиквеш, а најмногу порази има Башкими дури пет. Без триумф е тимот на Скопје, а најмногу победи има тетовска Шкендија, вкупно пет од седум меча.
Следното коло носи неколку дерби пресметки кои може да направат промени на табелата и тоа значителни. Шкендија ќе игра против Башкими на домашен терен, дерби во Кратово на Силекс и Тиквеш, каде домаќините ќе бараат излез од резултатската криза, а гостите продолжување на серијата одлични резултати.
Вардар ќе нема право на грешка против Шкендија Арачиново на домашен терен, додека пак Струга Трим Лум ќе биде домаќин на Арсими. Колото ќе се затвори со дуелот за излез од резултатската криза во Штип меѓу Брегалница и Скопје.
Александар Ванев, М-Нет