Климатските промени директен удар врз оризот, родот оваа година намален за 30%

Климатските промени оваа година ќе го намалат квалитетот и родот на оризот во кочанскиот регион. Високите дневни температури и ниските вечерни директно влијаат врз кластот и оризовото зрно. Пред почетокот на жетвата оризарите велат дека родот ќе биде далку од добар.

„И ова сега реколта што ја очекуваме ќе биде различна, некаде ќе биде квалитетна во зависност од временските периоди и сеидба. Климатските услови се променети. Вечерите се многу ладни, деновите не се наклонети кон оризот така да ние сега тие сончеви 160 дена што ги очекуваме ќе ги немаме и не можеме да се пофалиме дека ќе имаме добар род.“ – вели Максимов.

Климатските променија го намалија родот за 30%, вели Максимов. Освен климатските промени влијае и третирањето со препаратите, со што кластовите остануваат мали, не можат да се оплодат и да дадат доволен род.

„Тоа се климатски промени на температурите од високи дневни на ниски вечерни и тогаш самото зрно не може да се оплоде и останува празно. Еден ваков клас треба да има од 150 до 180 зрна, се плашиме дека ќе дојдеме до 100“ – додава Максимов.

Во меѓувреме, оризопроизводителите од кочанско чекат да ги потпишат и договорите за откуп на оризовата арпа за стоковните резерви. Предвидено е да се откупат околу 2400 тони.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет