
Повеќе од 15 години Лазо Јовановски од населбата Железничка во Штип во својта бавча произведува лук и кромид. Истите ги пласира на пазарот во Штип, секој петок. Согласно временските услови вели дека оваа година се ситни, но сепак според него исплатливо е да се работи, да се произведува особено лук кој се продава по цена од дури 400 денари за килограм.
„Лук и кромид одгледувам и продавам на пазарот во Штип. Имаше доволно производство ама од почетокот заврнаа дождови, а кога требаше да направи глава јуни јули стопира и слабо остана ситен.“ вели Јовановски.
Добра почва и вода е потребно за да успее и кромидот и лукот, малку работа и многу љубов. Но, после Лазо нема кој да продолжи да произведува оти младите не сакаат да се занимаваат со земјоделие.
„Кромидот и лукот бараат вода, добра земја – ништо друго. Едно прскање е, само кога никне за да нема црвец.“ додава Јовановски.
Кромидот е еден од најстарите зеленчуци познати на човештвото. Тој се употребува како додаток или зачин во различни рецепти во речиси сите светски култури. Може да се најде во свежа, замрзната, конзервирана, како и во прав. Овој зеленчук може да се користи во речиси секој вид на храна, но и како зачин. Во зависност од вариететот, кромидот може да биде со остар или благ вкус.
Лукот е употребуван како лек во многу култури во текот на илјадници години, односно неговата примена во медицински цели е стара колку што и египетските пирамиди. Се смета дека лукот помага при срцеви заболувања, високо ниво на холестерол во крвта и висок крвен притисок и рак.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет