Искусниот Коста Манев во Беласица, Никола Сарески е нов играч на Детонит Плачковица

Македонските второлигаши продолжуваат со промоција на нови играчи за следната сезона.

Беласица го договори и претстави искусниот Коста Манев, кој доаѓа од редовите на прволигашот Брера Струмица, а 32-годишниот Манев носи големо меѓународно искуство во редовите на струмичкиот второлигаш предводен од Александар Стојанов.

Низ својата кариера Манев настапуваше за повеќе екипи од Финска, а во Македонија покрај за Брера Струмица беше дел и од Вардар и Македонија ЃП, а исто така настапуваше и во Босна и Херцеговина за екипата на Вележ Мостар, како и за Ал Калдија од Бахреин.

Радовишки Детонит Плачковица кој го предводи Горан Здравков има нов играч – се работи за Никола Сарески, 20-годишно лево крило кое доаѓа од редовите на Кожуф од Гевгелија, а низ својата кариера фудбалерот од Тетово има настапувано за Љуботен, Тетекс и Победа од Прилеп.

Новата сезона во Втората лига ќе започне на 23 август.

Александар Ванев, М-Нет